Зајакнување на затворските и пробациските системи на Западен Балкан
Сараево, 4 декември 2025 – Западен Балкан ќе продолжи да ги зајакнува затворските и пробациските структури за управување со насилни екстремистички сторители (ВЕО) и за спречување радикализација по нивното ослободување. До овој заклучок се дојде на 6. состанок на Управниот комитет на регионалната акција „Унапредување на соработката на Западен Балкан во управување со насилен екстремизам во затворите и спречување на понатамошна радикализација по ослободувањето“, на кој беше разгледан напредокот и постигнатите резултати во периодот од април до ноември 2025. Во 2025 година, 182 професионалци од затворската и пробациската служба беа оспособени за работа со ВЕО сторители преку различни алатки, обуки и регионална размена на искуства и практики. Регионалната акција обезбеди водич чекор-по-чекор за процесот на рехабилитација, ресоцијализација и реинтеграција на повратниците – странски терористички борци и нивните семејства во Северна Македонија, и ѝ помогна на Албанија да ја процени својата постојна регулаторна и меѓуинституционална рамка поврзана со поддршката пред ослободување и по издржување на казната за ВЕО сторителите. Првиот регионален инструмент што овозможува немедицинскиот персонал во затворите рано да ги открие проблемите со менталното здравје кај ВЕО сторителите е ставен на располагање за употреба во затворските системи низ Западен Балкан. Постигнатите резултати беа признати од членовите што ги претставуваат сите шест корисници во регионот, кои се заложија за продолжување на соработката, а планот за понатамошни активности до мај 2026 беше едногласно усвоен. Состанокот беше организиран во рамките на регионалната акција „Унапредување на соработката на Западен Балкан во управување со насилен екстремизам во затворите и спречување на понатамошна радикализација по ослободувањето“, спроведена во рамките на заедничката програма на Европската Унија и Советот на Европа „Хоризонтален инструмент за Западен Балкан и Туркије“.