Ускладување на практиките и унапредување на соработката за зајакнување на поддршката по отпуст на насилни екстремистички сторители на Западен Балкан
Околу 40 претставници од релевантни институции и организации од граѓанското општество од Западен Балкан се собраа во Сараево на 3–4 декември 2025 година, заедно со експерти од Советот на Европа, со цел да разменат знаења, да ја зајакнат соработката и да ги усогласат пристапите за обезбедување континуирана поддршка на насилните екстремистички сторители (НЕС) по нивниот отпуст од затвор. Дводневната регионална конференција ги опфати претставниците на институциите и организациите што се занимаваат со превенција и справување на радикализацијата и тероризмот, како и претставници на затворските системи од Албанија, Босна и Херцеговина, Косово*, Црна Гора, Северна Македонија и Србија. Учесниците го унапредија своето разбирање и свесноста за значењето на обезбедувањето континуирана поддршка по отпуст на НЕС. Еден од клучните аспекти дискутирани на конференцијата беше меѓуинституционалната соработка, која треба да започне за време на подготовките за отоуст и да продолжи и по-отпуст на НЕС, со цел да се обезбеди нивна ефективна реинтеграција во општеството. Дополнителна тема обработена на конференцијата беше примената на алтернативи на затворската казна и можноста за користење санкции и мерки во заедницата, со што би се зголемиле шансите за успешна реинтеграција и би се намалил ризикот од повторно извршување на делата. Конференцијата овозможи и размена на искуства меѓу учесниците, јакнење на знаењата за различни практики поврзани со реинтеграцијата на НЕС и подигнување на свеста за стандардите и добрите практики на Советот на Европа и другите меѓународни организации. Учесниците се согласија дека е потребно да се преземат дополнителни мерки за ефективна реинтеграција на НЕС во општеството, особено преку зајакнување на меѓуинституционалната соработка, јакнење на капацитетите на локалните институции и вклучување на организациите од граѓанското општество како значајни партнери во овие напори. Заклучоците од конференцијата ќе им овозможат на координаторите за превенција и спречување со радикализацијата и насилниот екстремизам, како и на другите релевантни институции и професионалци низ регионот на Западен Балкан, да работат заедно за надминување на заедничките предизвици, унапредување и усогласување на стратешките документи и понатамошно јакнење на регионалната соработка и партнерствата меѓу институциите, локалните заедници и граѓанските организации. Конференцијата беше организирана како дел од проектот на Советот на Европа „Обезбедување ефективна реинтеграција на насилни екстремистички сторители во Босна и Херцеговина“, финансиран преку доброволни придонеси во рамките на Акцискиот план на Советот на Европа за Босна и Херцеговина 2022–2025, во соработка со регионалната акција „Јакнење на соработката на Западен Балкан во управувањето со насилен екстремизам во затворите и спречување понатамошна радикализација по отпуст“, која е дел од заедничката програма на Европската Унија и Советот на Европа „Хоризонтален инструмент за Западен Балкан и Турkiye“. * Оваа ознака не прејудицира ставови за статусот и е во согласност со Резолуцијата 1244 на ООН и мислењето на МСП за Декларацијата за независност на Косово.