Засилување на капацитетите на затворскиот персонал за справување со насилни екстремистички затвореници во Албанија
Затворскиот персонал игра клучна улога во справувањето со насилни екстремистички затвореници (НEЗ), како во поглед на нивната рехабилитација, така и во обезбедување на институционалната безбедност. Во рамки на континуираните напори за изградба и зајакнување на капацитетите на затворските практичари во Албанија, како и за обезбедување долгорочен успех во процесот на системска превенција и одговор на радикализацијата во затворите, беше организирана каскадна обука со поддршка од Европската унија и Советот на Европа.
Група од 34 практичари од 19 затвори низ цела Албанија учествуваа на обуката што се одржа на 27–28 мај 2025 година во Каваја, каде што имаа можност да ги унапредат своите знаења и вештини во примената на специјализирани алатки и програми за насилни екстремистички затвореници (НEЗ). Овие алатки се специјално дизајнирани за препознавање на знаци на радикализација, спроведување проценка на ризик и потреби на НEЗ, поддршка на напорите за рехабилитација и подготовка на затворениците за реинтеграција по нивното ослободување.
Обуката беше водена од искусни колеги кои учествувале во пилот-имплементацијата на овие алатки во три албански затвори во 2024 година. Нивното практично искуство и увид значајно придонесоа кон процесот на учење. Препознавајќи ја важноста од воспоставување на внатрешен механизам за пренос на вештини, знаење и експертиза, Директоратот за општа управа на затворите активно поттикнува учење од колега на колега меѓу затворските практичари кои работат со НEЗ и други лица склони кон радикализација.
Овој пристап овозможува самoodржливо градење капацитети кај нововработените во затворската служба, како и кај искусните професионалци кои сакаат да го унапредат своето знаење.
Каскадната обука беше поддржана од регионалната акција „Подобрување на соработката на Западен Балкан во справувањето со насилниот екстремизам во затворите и превенција од понатамошна радикализација по ослободување“, во рамките на третата фаза на програмата „Horizontal Facility III“, кофинансирана од Европската унија и Советот на Европа и имплементирана од Советот на Европа.