Немедицинскиот затворски персонал во Западен Балкан навремено ќе открива нарушувања на менталното здравје кај осудени лица насилни екстремисти
Затворскиот персонал и раководството од земјите-кориснички од Западен Балкан направија голем чекор напред во напорите за зајакнување на менталното здравје и безбедноста во затворите, во согласност со европските стандарди. На регионалната работилница во Тирана, Албанија, беа претставени „Упатствата за проценка на менталното здравје на осудени лица насилни екстремисти (ОЛНЕ), маргинализирани осудени лица и осудени лица подложни на радикализација“ и „Алатката за скрининг за рано препознавање на знаци на ментални проблеми“, кои беа развиени со поддршка на ЕУ и Советот на Европа и се достапни за употреба во сите пенитенцијарни системи на земјите-кориснички од Западен Балкан. Упатствата беа дискутирани со затворскиот персонал и раководствата од Албанија, Босна и Херцеговина, Косово*, Црна Гора, Северна Македонија и Србија, кои стекнаа практично разбирање на меѓународните стандарди и принципи кога станува збор за промоција на менталното здравје на осудени лица и превенција и управување со нивните ментални нарушувања. Учесниците ги одобрија дадените Упатства и Алатката како корисен и сигурен инструмент што ќе им помага на немедицинскиот затворски персонал да детектира и да реагира на знаци на ментални нарушувања кај осудени лица насилни екстремисти (ОЛНЕ), маргинализирани осудени лица и осудени лица подложни на радикализација. Работилницата беше организирана од регионалната акција „Јакнење на соработката во Западен Балкан во управувањето со насилниот екстремизам во затворите и спречување на понатамошна радикализација по отпуст“ под покровителство на третата фаза од заедничката програма на ЕУ и Советот на Европа за хоризонтален механизам III.