Јакнење на капацитетите на пробациските службеници во Албанија за управување со сторители на насилен екстремизам (СНЕ)

Ефективното управување, рехабилитација и реинтеграција на сторителите на насилен екстремизам (СНЕ) под режим на пробација бара пробациските службеници да поседуваат специфични специјализирани вештини и знаења. Како дел од тековните напори за јакнење на капацитетите на пробациските практичари во Албанија и за обезбедување долгорочен успех при управување и реинтеграција на СНЕ, беше организирана каскадна обука со поддршка на Европската унија и Советот на Европа. Обуката, одржана на 16 април во Тирана, ги собра 28 учесници од 18 пробациски канцеларии низ Албанија. За првпат, пробациските службеници од целата држава имаа можност да се запознаат со феноменот на насилен екстремизам и да ги зголемат своите знаења и вештини за примена на специфичните алатки за скрининг и проценка на ризик и потреби за СНЕ. За време на работилницата, учесниците изготвија индивидуални планови на третман и рехабилитациски програми. Со обуката пробациските службеници се поподготвени да ја поддржат рехабилитацијата и реинтеграцијата на СНЕ, како и да спречат и откријат потенцијална радикализација меѓу сторителите. Обука беше водена од искусни колеги кои учествуваа во пилот-имплементацијата на овие алати во една пробациска канцеларија во Албанија, работат директно со СНЕ и се обучени да го пренесуваат своето знаење на колегите. Нивното практично искуство и конкретни увидувања додадоа значајна вредност на процесот на учење. Пробациската служба на Албанија ја препозна важноста на градење внатрешни капацитети и промоција на знаењe од колега до колега. Овој пристап придонесува за одржлив и долгорочен развој на капацитетите на пробациските службеници. Каскадната обука беше поддржана од регионалната акција „Унапредување на соработката на Западен Балкан во управувањето со насилен екстремизам во затворите и спречување на понатамошна радикализација по пуштањето“, спроведена во рамки на заедничката програма на Европската унија и Советот на Европа „Хоризонтален инструмент за Западен Балкан и Турција“.